Кошаркарите на Пелистер ќе имаат шанса да му се реваншираат на МЗТ Скопје за поразот во ланското финалето во Купот на Македонија. Денеска (18 часот) тие со актуелниот првак ќе се сретнат во полуфиналето, откако едвај го совладаа Чаир.
„МЗТ можеби важи за фаворит на хартија, поради моментната форма и изгледот на табелата, но тоа не значи ништо во Купот, на еден натпревар се е возможно. Впрочем, ние еднаш веќе го добивме МЗТ Скопје сезонава, знаеме дека овој тим не е непобедлив и дека ако ние бидеме на нивото на кое можеме да играме, би можеле повторно да славиме против нив“, истканува Лука Стојановски.
Според него, клучно ќе биде да се неутрализираат најискусните кошаркари на МЗТ.
„Нивни главни играчи се оние најискусните, браќата Стојановски, но и Бојан Крстевски кој се покажува како многу важна алка во играта на МЗТ оваа сезона. Мислам дека клучно ќе биде да ги неутрализираме, да ги надмудриме овие тројца кошаркари, бидејќи ако успееме во тоа би биле многу блиску до остварување на целта – пласман во големото финале“, порачува за крај бекот на Пелистер.
Во втората полуфинална двојка силите ќе ги одмерат Гостивар и Кожув, мечот е закажан во 20:30 часот.