Денеска во салата „26 април“ во Гевгелија ќе се одиграат финалните мечеви во Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“.
Бранителот на трофејот МЗТ Скопје за противник го има домаќинот на годинешното натпреварување, Кожув, дуелот е закажан со почеток во 19:30 часот.
„Сино-белите“ до последниот чекор за 13. пехар во својата историја дојдоа доминантно, славеа убедливи победи против Работнички и Пелистер, и потврдија зошто во овој момент се најдобриот тим во домашниот шампионат. Како што најавија уште на стартот нема да се задоволат со финале, нивната цел е јасна – пехарот во Купот на Македонија.
„По првите три минути успеавме да го исконтролираме целиот меч. Влеговме во нашиот препознатлив ритам. Веќе го забораваме овој меч и со главите сме во големото финале. Ако ме прашате мене мојот тим е секогаш најдобар. Одигравме два натпревари во одличен ритам и се надевам дека ќе одиграме и денеска така“, изјави тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов.
На другата страна Кожув одигра два добри меча и оди по историја. Иако пред себе го имаат силниот состав на МЗТ Скопје, сепак немаат намера да се предадат, ќе се обидат да ги најдат слабите страни на противникот и да го подигнат првиот пехар и тоа пред домашните фанови.
„Пред се би сакал да им се заблагодарам на моите кошаркари, имавме четворица повредени уште пред четвртфиналето, но сите стиснаа заби за да настапат и да помогнат да дојдеме до овој резултат. Секоја чест за сите нив, утре одиме на мегдан со МЗТ, ќе играме финале во нашиот град, пред нашите навивачи, нека биде што ќе биде… Јас не признавам фаворити, МЗТ е шампион на Македонија, но според мене нема да биде фаворит во ова финале. Играме дома, ние ќе бидеме шест играчи, тие пет, ако играме како денеска, се е возможно во големото финале“, истакна Апостолов, тренерот на Кожув.
Пред оваа средба ќе се одигра финалето во женска конкуренција, а силите ќе ги одмерат бранителот Баскет Кам и Вардар, противници кои добро се познаваат меѓу себе. Дуелот е закажан со почеток во 17 часот.