Алкалоид со победа се враќа од гостувањето кај Бриксен во рамките на првиот осминафинален натпревар во ЕХФ Европскиот Куп. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија и Супер-Купот одигра одличен меч и на крајот сосема заслужено славеше со 32:44 (18:23). Ракометарите на Алкалоид ја имаат полесната задача за потврда на местото во четвртфинале пред домашните фанови треба да ја повторат истата игра.
Ракометарите на Кире Лазаров извонредно го почнаа мечот. Во првите пет минути постигнаа 5 гола, а на противникот не му дозволија ниту еднаш да ја погоди нивната мрежа. Италијанците само еднаш дојдоа на минус два (4:6), а потоа се беше во знакот на ракометарите на Алкалоид. До полувреме нашиот освојувач на Купот веќе имаше предност од 18:23, благодарение на одличната игра на триото Серафимов, Петковски и Бинго кои првиот дел го завршија со по 4 постигнати гола. Одличен беше и Марко Кизиќ на голот со 8 успешни интервенции.
Во второто полувреме Алкалоид умешно ја одржуваше стекнатата предност, иако Италијанците се обидуваа на секој начин да ја намалат разликата. На сцена стапи Игор Ѓорѓиев кој одигра фантастично и уште до средината на втоприот дел стигна до 5 постигнати гола. Заедно со Оливеира и Џонов, како и со голманска поддршка од Кизиќ и Галевски, Алкалоид дојде до посакуваниот триумф кој полека му гарантира место во четвртфиналето.
Игор Ѓорѓиев со 7 гола заврши како најефикасен во составот на Алкалоид, додека Серафимов и Петковски постигнаа по 6 гола. Де Оливеира со 8 гола беше најефикасен кај екипата на Бриксен.
На голот на Алкалоид Кизиќ нанижа 12 одбрани, додека Галевски заврши со 8 интервенции.