Лазаров пред Бриксен: Нема да потцениме никого во ниту еден случај, ќе одиме со 100%!

938

Алкалоид вечерва ја продолжува европската авантура. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија и Супер-Купот има шанса да испише нова клупска историја. Кирил Лазаров и неговите момци се борат за пласман во 1/4 финалето ЕХФ Европскиот Куп, на патот стои италијанскиот тим на Бриксен, кој е домаќин на денешната прва пресметка (19 часот).

„Имавме доста материјал за Бриксен и доста се посветивме на нив. Знаеме дека се работи за искусна екипа што игра долго време заедно, знае што сака и што прави во секој момент на теренот. Играат со не повеќе од осум до девет играчи, а тоа значи дека добро се воиграни и затоа мора да бидеме многу внимателни.
Тоа што играат со осум до девет играчи од една страна е предност за Бриксен затоа што се воиграни и со поглед може да се договорат што да прават, од друга страна, пак, може и да е мала предност за нас затоа што ние имаме повеќе играчи на располагање и сме побрзи“, анализира Лазаров. 

Според тренерот на Алакалоид мала предност е што првиот меч го играат на гостински терен. Лазаров потенцира дека италијанскиот ракомет е во подем и не смее да се потцени противникот.

„Добро е што првиот меч го играме на гости, тоа е еве една мала предност за нас ќе речам, затоа што реваншот ќе го играме дома и ќе можеме во нашата сала пред нашата публика да го бараме потребниот резултат.
Треба да имаме предвид и дека италијанскиот ракомет е во подем, со она што го прикажа нивниот национален тим. Ние нема да потцениме никого во ниту еден случај, ќе одиме со 100%. Мислам дека екипата е добро подготвена, водиме грижа сите играчи да бидат во ред, посебно тие што играа на Светското првенство“, изјави тренерот Кирил Лазаров.

ПретходноЈана не успеа да ја заврши слаломската трка на СП во Залбах!
СледноМојсов: Тиквеш ќе се надигрува со Силекс!