Марко Митев треба да биде еден од лидерите на Алкалоид против Бриксен во првиот осминафинален натпревар во ЕХФ Европскиот Куп, кој на програмата е денеска во 19 часот.
Иако станува збор за италијански тим, сепак сите во таборот на македонскиот клуб се свесни дека не треба да се потцени противникот, туку да се одигра максимално на гостински терен. Бриксен игра брз ракомет со висок ритам, нешто што негува и тимот на Кирил Лазаров.
Митев очекува победа на оваа средба, иако знае дека нема да биде лесно да се дојде до истата.
„Се подготвувавме речиси цела недела за овој меч. Очекувам триумф, иако нема да биде лесно затоа што Бриксен е искусна екипа во која има седум до осум играчи кои играат скоро цела средба. Исто така се и доста брзи, даваат над 30 гола, па би требало да ни следи доста брз меч во висок ритам, тежок за играње. Наша предност е што имаме поширок ростер, не е лесно да се трча цел натпревар, ама од друга Бриксен на досегашните натпревари го издржа тоа темпо. Не би можел точно да ја споредам некоја наша екипа, но според видеоанализата која ја направивме, би рекол дека Бриксен е екипа што е од рангот на пример на Охрид. Но, тоа и не мора ништо да значи, заклучокот е од гледање на видео, а тоа не ја преставува реалноста и нивните можности на теренот“, изјави Марко Митев и додаде дека ситната повреда што ја имаше за време на СП е надмината.