Алкалоид вечерва ја продолжува европската авантура. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија и Супер-Купот има шанса да испише нова клупска историја. Кирил Лазаров и неговите момци се борат за пласман во 1/4 финалето ЕХФ Европскиот Куп, на патот стои италијанскиот тим на Бриксен, кој е домаќин на денешната прва пресметка (19 часот).
„Имавме доста материјал за Бриксен и доста се посветивме на нив. Знаеме дека се работи за искусна екипа што игра долго време заедно, знае што сака и што прави во секој момент на теренот. Играат со не повеќе од осум до девет играчи, а тоа значи дека добро се воиграни и затоа мора да бидеме многу внимателни.
Тоа што играат со осум до девет играчи од една страна е предност за Бриксен затоа што се воиграни и со поглед може да се договорат што да прават, од друга страна, пак, може и да е мала предност за нас затоа што ние имаме повеќе играчи на располагање и сме побрзи“, анализира Лазаров.
Според тренерот на Алакалоид мала предност е што првиот меч го играат на гостински терен. Лазаров потенцира дека италијанскиот ракомет е во подем и не смее да се потцени противникот.
„Добро е што првиот меч го играме на гости, тоа е еве една мала предност за нас ќе речам, затоа што реваншот ќе го играме дома и ќе можеме во нашата сала пред нашата публика да го бараме потребниот резултат.
Треба да имаме предвид и дека италијанскиот ракомет е во подем, со она што го прикажа нивниот национален тим. Ние нема да потцениме никого во ниту еден случај, ќе одиме со 100%. Мислам дека екипата е добро подготвена, водиме грижа сите играчи да бидат во ред, посебно тие што играа на Светското првенство“, изјави тренерот Кирил Лазаров.