МЗТ Скопје ја продолжи доминацијата во македонската кошарка. Во Аеродром вечерва ќе пристигне и 13. трофеј во Купот на Македонија. „Сино-белите“ во финалето беа подобри од домаќинот Кожув со 61-86. Како што почнаа така и го завршија кошаркарите на МЗТ Скопје овој Куп, доминантно и убедливо.
Пред полни трибини во салата „26 април“ се одигра финалниот меч во Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“, беше вистински празник на кошарката. Гевгеличани со фер навивање покажаа дека се одлични домаќини.
Маслинко со 17 поени беше прв стрелец, зад него беше Крстевски со 16 поени, Војдан беше стрелец на 12. На другата страна Стевановиќ имаше 20 поени.
Кожув го отвори мечот со 5-2, но на другата страна после само неколку минути, МЗТ Скопје одговори со серија од седум поени за водство од 7-14 на средината на првата четвртина. Пред крајот на овој период, Војдан со два поени на својот тим му донесе позитива од плус 8 (15-23).
Доминацијата на МЗТ Скопје продолжи и во втората четвртина. На стартот со едното слободно фрлање на Магдевски, „сино-белите“ за првпат поведоа со двоцифрени плус 11 (15-26). Од овој момент беше веќе јасно дека домаќинот ќе има вистински проблем, бидејќи противникот влезе во силен ритам. Пред крајот на овој период со поените на Маслинко, МЗТ Скопје зголеми на плус 17 (21-38). На одморот беше 27-42.
Кожув не се одткажа, третата четвртина ја отвори со 8-2 и дојде на минус девет (35-44) со што ја врати вербата кај своите навивачи дека навистина може да приреди чудо. Иако притисокот од трибините беше голем, сепак кошаркарите на МЗТ Скопје, особено домашните знаеја како да се носат со истиот, Дамајн погоди важна тројка за 38-52. Голем хандикеп за скопскиот тим беше четвртата лична грешка на Војдан пред крајот на третата четвртина. Важни поени за „сино-белите“ дадоа Крстевски и Миловановиќ за 47-63.
Победата, избраниците на Васко Атанасов ја најавена по само две и пол минути, Миловановиќ со две нови тројки зголеми на 51-71. Тука и беше крајот на овој дуел. До оваа разлика „сино0белите“ дојдоа без Војдан и Дамјан кои беа на клупата. Веќе немаше дилеми кој ќе го подигне Куп трофејот, кој сосема заслужено останува во соопственост на МЗТ Скопје.