Годишеното издание на Купот на Македонија, кој го носи името на легендарниот Благоја Георгиевски – Буштур и официјално заврши. Во машка конкуренција пехарот остана во Аеродром, МЗТ Скопје во финалето убедливо го совлада Кожув и ја потврди својата доминација во мак-баскетот.
Со оглед на тоа дека во финалето се пласираше домаќинот, интересот беше голем. Но, се чини организаторот потфрли. Бројни фанови останаа пред салата „26 април“ иако имаа купено билети за мечот со МЗТ Скопје. Додека новинарската екипа на нашата редакција влегуваше во салата од главниот влез, редарите им порачаа на гевегеличани дека повеќе нема место во салата и дека вратите се затвраат.
Денеска до нашата редакција стигна меил, од страна на револтирани фанови, кои го потврдија она што самите го видовме.
„Не знам дали ова ќе допре до некој, но би сакал да ве известам за измамата, кражбата и најдолното однесување на организаторот КК Кожуф од Гевгелија. Стотина луѓе останаа пред врата со купени карти без да можат да влезат затоа што салата била полна. Пари назад нема враќање. На погласните протести на гледачи што дошле дури од Скопје, купиле карти и не можеа да влезат затоа што вратите беа затворени поради преполнета сала, веднаш им дојде полиција да го спречи нередот, но не и кражбата од Кожув. Срамота и голема брука за кошарката и воопшто спортот во Македонија. Црна дамка врз Купот, црна дамка врз Гевгелија, црна дамка врз Македонија, а ако КК Кожув помине неказнето и ако не ги врати парите, секако и црна дамка врз КФСМ“, се вели во обраќањето на еден од фановите кој не успеа да влезе во сала.
Салата „26 април“ во Гевгелија има капацитет за околу 1600 места, се чини организаторот не се пресметал добро кога ги пуштил во продажба картите за финалето.
Што се однесува до атмосферата, истата беше одлична, гевгеличани уште еднаш ја покажаа својата спортска култура, во текот на целиот меч навивањето беше во спортскиот дух.