Пелистер само три дена по тешкото гостување во Лисабон, продолжи со обврските во Супер-лигата. Актуелниот македонски првак му гостуваше на ГРК Охрид во меч од 18-то коло и дојде до победа од 25-27 (13-16). Овој триумф беше важен за битолчани пред новата и важна пресметка во Лигата на шампиони против Динамо Букурешт на домашен терен.
За битолчани ова е 16. победа, има и два порази, додека пак за ГРК Охрид е четврти пораз, има едно реми и 13 победи.
Хосни со седум гола беше прв стрелец кај победникот каде Кузмановски и Тајник имаа по пет гола. На другата страна Орјоникидзе имаше шест погодоци.
По водството на охриѓани од 4-3, битолчани со серија 4-0 поведоа со 4-7 и ја првеземаа контролата на резултатот. На одморот беше 13-16 во корист на Пелистер, кој и во вториот дел успеваше да се снајде со налетите на домашниот тим, кој беше упорен во својата намера да дојде до изненадување. ГРК Охрид дојде на минус еден гол негатива (20-21 и 21-22). Притисокот продолжи, битолчани беа на гол до два позитива.
На три и пол минути до крајот на мечот, Павле Атанасијевиќ заработи две минути исклучување. Но, битолчани успеаја да го пребродат овој момент, на две минути до крајот имаа водство од 25-27, а Ивиќ запиша важна одбрана од седум метри. По сето ова беше јасно дека Пелистер ќе си оди со целиот плен, Раул Алонсо повика тајм-аут, да ги смири своите играчи и да го постави нападот. Кузмановски не реализираше, но ниту ГРК Охрид го искористи нападот.