ПМФЛ: Вардар VS Шкендија…дерби за уживање, супер пресметка на Маџари, Работнички гостува на Чаир!

542

Па има ли подобар начин да се отвори една полусезона со една таква мега – пресметка како онаа меѓу Вардар и Шкендија? Токму овие два клуба денеска од 14 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, ќе ги одмерат силите. Јасно е дека овој Вардар не е оној од есенскиот дел, а искрено и Шкендија не е таа што беше до пред некоја година.

Токму затоа се очекува голема битка, вистинска битка, тактичко надмудрување меѓу стратезите Гоце Седлоски и Јетон Беќири.

Ова ќе биде нивно 68 соочување во историјата. Тетовци имаат нешто подобар биланс со тие 28 победи, Вардар има 23 а 16 средби завршиле без победник. Ама Вардар на клупата го има Гоце Седлоски кој покажа дека знае и тоа како се победува Шкендија и тоа во времето кога тетовци имаа мега – тим.

Од отанатите мечеви од ова прво пролетно или 19.коло, секако дека треба да се одбележи и пресметката меѓу Гостивар и Струга ТЛ на Маџари. Ова ќе биде прва пресметка оваа пролет меѓу екипите кои се борат за титулата. Ова ќе биде тешка борба која според имињата ќе ја водат најквалитетните состави во моментов во ПМФЛ.

Работнички ќе гостува на Чаир, на стадионот на кој ретко доаѓал до бодови. Сепак знаеме во каква ситуација се чаирчани, но знаеме дека во тимот на Горан Станиќ ќе ги нема најдобрите од есенскиот дел, Регба и Мазари кои направија трансфер оваа зима.

Силекс го дочекува Тиквеш. Кратовци, со оглед на местата на табелата, веројатно се фаворити на хартија, но кавадарчани ветуваат голем борба за секоја педат од теренот во Кратово. Од друга страна Тиквеш има подобар состав од оној минатата есен. Нема да им биде лесно на момците на стратегот Александар Васоски, напротив.

Во Охрид домашната Воска ја дочекува Беса, а во Битола составот на Пелистер има намера да дојде до трите бода против Брера.

Време е за фудбал, оној наш, македонски, прволигашки.

ДВОЈКИ ЗА 19.КОЛО – ДЕНЕСКА (14 Ч)

Кратово: Силекс – Тиквеш

Скопје: Вардар – Шкендија

Скопје: Гостивар – Струга ТЛ

Охрид: Воска – Беса

Скопје: Шкупи – Работнички

Битола: Пелистер – Брера

ТАБЕЛА

Силекс 37, Шкендија 37, Работнички 37, Гостивар 35, Струга ТЛ 32, Шкупи 22, Пелистер 19, Брера 19, Тиквеш 14, Беса 13, Вардар 13, Воска 12.

ПретходноОл-Стар: Изненадување во натпреварот за три поени, Вембањама и Пол дисквалификувани (ВИДЕО)
СледноНико Вилијамс му открил на Јамал ​​дека оди во Премиер лигата