Македонската кошаркарска репрезентација го одржа првиот тренинг во рамките на мини-подготовките за последните два квалификациски дуели за пласман на Еп 2025 година. Против Естонија (21.02) на гостински терен и Полска (24.02) на домашен терен во составот на нашиот најдобар национален тим ќе бидат евролигашките кошаркари, Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс. Двајцата за првпат ќе настапат во дресот на Македонија на еден официјален меч.
Со оглед на квалитетот на двајцата играчи, Димитријевиќ верува дека ќе се навикнат еден на друг и дека ќе сторат се во своите можности за да Македонија слави на дуелот со Естонија, а потоа и против Полска.
Нено потенцира дека треба да влезат на терен со мисла дека ќе го победат мечот, а не да чекаат што ќе се случи.
„Па да како што кажав, Естонија се незгодна екипа. И минатите квалификации имавме проблеми со нив, но мислам дека имаме доста квалитети, во некој налет да направиме успех и да направиме изненадување на нивниот терен. Мислам дека сме подготвени и едвај чекам да дојде денот на натпреварот. Мислам дека двајцата (со Ти Џеј Шорц) сме добри играчи и дека може за два три дена да се навикнеме еден на друг и да направиме да функционира оваа врска за успех на репрезентацијата, што е најважно. Мислам дека до натпреварот со Естонија ќе бидеме подготвени. Прво мислам дека треба да бидеме пофизички. Кошарката оди во тој правец, Естонија покажа дека е доста физичка екипа, што сака да трча и имаат играчи на секоја позиција, дури и евролигашки играчи. Треба да бидеме подготвени за нивната енергија и нивната физикалност и да одговориме на тоа. Мислам дека тоа е најважно. Треба да одиме со помисла дека треба да победиме, не да чекаме што ќе се случи. Tреба да излеземе од прва минуста за победа“, изјави Ненад Димитријевиќ.
Кошаркарите за Талин патуваат на 19. февруари, а мечот се игра на 21.