Македонската кошаркарска репрезентација ќе оди по потешкиот пат за пласман на ЕП 2025 година. Селекторот, Александар Јончевски и неговите момци по пропуштената шанса да ја победат Естонија на домашен терен во првиот квалификациски меч, сега ќе треба да обезбедат триумф против истата селекција на гостински терен од над пет поени разлика, а потоа дома да ја совладаат Полска. Но, ова не е единствениот услов за да Македонија се пласира на ЕП, ќе биде потребна услуга од Литванија во последното коло, а тоа е победа против Естонија.
Противниците се познати, од нашиот табор се подготвени да извојуваат две победи, а потоа ќе чекаат потврда дали ќе го заверат европскиот билет или ќе чекаат следни квалификации за остварување на овој сон.
Андреј Маслинко, МВП-то од Купот на Македонија вели дека под обрачите се послаби, но сите кои се најдоа на списокот на Јончевски ќе се обидат да го надокнадат тој недостаок.
„На двете средби одиме на две победи. Двете репрезнтации ни се познати. Со Естонија и во претходниот циклус имавме две средби така што мораме да победиме ако сакаме да играме на Европско првенство. Секако, напаѓачки сега сме доста подобри. Имаме двајца плејмејкери кои можат да играат со топката. Малку сме послаби на центарски позиции, но ќе се обидеме да надокнадиме на тоа. Секогаш сум тука за Македонија“, изјави Андреј Маслинко.
Кошаркарите за Талин заминуваат утре после пладне, мечот се игра на 21. февруари.