Шпанската фудбалска федерација покрена истрага за судијата на натпреварот Осасуна – Реал (М). Главниот судија на натпреварот од 24-тото коло на Ла Лига, Хозе Мунуера Монтеро, го исклучи играчот од средниот ред на Реал, Џуд Белингам поради приговор уште во првото полувреме и досуди пенал во корист на Осасуна за израмнување на 1:1. Од Шпанија денеска потврдија дека Мунуера Монтеро нема да добие меч за судење од 25. коло од Ла Лига.
Според информација на шпанските медиуми, Комитетот за усогласеност на Шпанска фудбалска федерација започнал официјална истрага за активностите на Мунуера Монтеро надвор од фудбалот. Имено, сомнежите на федерацијата ги покрена компанијата „Талентус спортс“, чиј основач е самиот Мунуера. Организацијата е специјализирана за консултантски и спортски менаџмент, а има сомнежи дека работи со клубови од Ла Лига, но и надвор од Шпанија како Манчестер Сити, Астон Вила, ПСЖ…
Федерацијата покренала истрага против Мунуера за можен конфликт на интереси и моментално е во фаза на собирање докази. Доколку се поведе случај, судијата може да се соочи со парична казна до 100.000 евра и дисквалификација до 5 години.