Македонската кошаркарска репрезентација денеска заминува за Талин каде во петок ќе го одигра претпоследниот квалификациски меч за пласман на Европското првенство 2025 година. Противник на „црвено-жолтите“ ќе биде Естонија, селекција која мора да се победи над пет поени разлика за да сонот Европско првенство продолжи.
Нашите кошаркари добро го познаваат квалитетот на противникот, знаат каква игра треба да прикажат доколку сакаат да се вратат со победа. Капитенот, Војдан Стојановски
„Нема да биде лесно, бидејќи станува збор за добра репрезентација која игра добра кошарка и ќе има поддршка од своите навивачи. Наша задача е да искочиме на терен и да бидеме спремни и да одговориме на нивната црвста и агресивна игра. Пет поени разлика не е нешто недостижно, тоа се два напади. Ако одиграме и ние црвсто во одбраната и делуваме како едно, сигурен сум дека ќе дојдеме до победа“, ни изјави Војдан Стојановски.
За разлика од првата средба во Скопје, во составот на Македонија ќе бидат двајцата евролигашки кошаркари, Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс. Нивниот огромен квалитет треба да донесе поинаква и победничка игра.
„Верувам дека Нено и Шортс ќе функционираат добро на терен и ќе се надополнуваат, бидејќи станува збор за квалитетни кошаркари со евролигашко искуство“, вели Војдан.