Пелистер дојде до важна победа на дуелот против Динамо Букурешт од 25-24 во рамките на 12. коло во Лигата на шампиони. На овој начин македонскиот тим остана во игра за пласман во нокаут-фазата, а херојот е Никола Митревски, го одбрани последниот напад на противникот за реми. На крајот зад своето име запиша 16 одбрани.
Тајник со шест гола беше прв стрелец, зад него беа Кузмановски и Радивојевиќ со пет погодоци. На другата страна Кашпарек запиша пет гола.
Пелистер влезе силно на дуелот, после пет минути игра поведе со 4-1. Гостите го искористија исклучувањето на Хосни, со два гола во низа доближија на 4-2. Кузмановски реализираше за 5-3, нешто подоцна Радивојевиќ ги постави највисоките плус три (7-4) во овој дел од мечот. Пелистер не искористи два напади да поведе и со четири гола разлика. Серија на технички грешки беше причина Динамо повторно да се закани. Пелистер климаво беше на од еден до два гола, но новите грешки беа причина за да противникот целосно се врати во дуелот и да поведе за првпат на мечот (12-13) со голот на Вујовиќ. Радивојевиќ од седум метри не искористи шанса да израмни на одморот. Битолчани беа во напаѓачка криза.
По една одбрана на двете страни, Кашпарек од контранапад зголеми на 12-14 на стартот на вториот дел. Тајник после осум минути го постигна првиот гол за Пелистер за 13-14. Динамо можеше да поведе со плус 4, но Митревски одбрани два седмерци по ред при 13-15. Алонсо повика тајм-аут, кој вроди плод. Кузмановски со две „бомби“ и Атанасијевиќ одговорија за 16-15 во 40-та минута. Романците останаа со двајца играчи помалку, но тоа не беше максимално искористено. Стигна казната во 43-та мунита беше 16-17.
Митревски продолжи да блеска, на негови крила Пелистер дојде на плус два (19-17). Гостите израмнија (19-19) во 48-та минута. На стартот на 53. минута, Кузмановски промаши нов удар од седум метри, на среќа гостите погрешија, Хосни зголеми на 23-22, Лумбросо заработи директен црвен картон. Динамо се врати на 23-23 за голема драма на пет и пол минути до крајот.
Пелистер при 24-23 не реализираше нов удар од седум метри (овој пат Пешевски), па дојде до ново израмнување 24-24. На нецели две минути до крајот, Кузмановски не успеа да зголеми на плус два (25-24), на другата страна Митревски со 15. одбрана спречи израмнување. По тајм-аутот на Алонсо, македонскиот тим направи грешка, за Динамо Букурешт останаа 15 секунди, но Митревски го фати ударот на Зејн за голем радост во салата „Боро Чурлевски“.
Во следното коло, македонскиот првак е гостин на Фуксе Берлин. Пелистер сега има осум бода исто колку и Висла Плоцк.