Пелистер успеа да дојде до важни бодови во битката за шестото место во групата А кое води во нокаут-фазата во Лигата на шампиони, откако го совлада Динамо Букурешт со 25-24 на домашен терен. Тренерот, Раул Алонсо, очекувано по мечот беше задоволен од своите играчи и прикажаното во текот на целиот меч.
„Прво, сакам да им честитам на играчите за одличниот меч. Игравме против доста добар тим кој исто така се обиде да го добие овој меч. Ми се допадна како победивме, начинот на кој успеавме да славиме во оваа голема борба. Знаевме дека ќе биде многу тешко, но останавме обединети до крајот, баравме решенија кога не одеше најдобро, имавме шанси и да поведеме поубедливо, па заслужено ги освоивме бодовите. Во првото полувреме тргнавме добро, а потоа Динамо покажа квалитет и се врати во мечот по нашите промашувања, но во вториот дел покажавме карактер. Убаво е да се види како ја креираме силата на тимот во кој секој играч е важен, без разлика дали игра 60 минути или се играчи кои играат едно полувреме, десет минути или не играат. Можеби имавме и малку среќа на крајот, ама победивме. Среќен сум бидејќи успеавме да победиме пред нашата публика“, изјави Алонсо.
Во следното коло во Лигата на шампиони, Пелистер е гостин на Фуксе Берлин, додека во последното коло игра против ПСЖ.