Пелистер вечерва (20:45 часот) продолжува со мечевите во Лигата на шампиони. Во салата „Боро Чурлевски“ гостува Динамо Букурешт, тим кој на првата пресметка со актуелниот македонски првак славеше убедливо. Но, од оваа средба до сега се променија многу работи во составот на битолчани, па вечерва се очекува мечот да биде спротивен од пресметката во септември.
Динамо Букурешт најдобро го познава Мохамед Шабиб Мамдух, кој четири години беше дел од овој тим. За ракометарот на Пелистер ова е емоционален меч, но секако на прво место е македонскиот клуб и победа која ќе значи дека шансите за пласман во 1/8 финалето се уште постојат.
„Премногу емоционален натпревар за мене е натпреварот кој следи со Динамо Букурешт. Играв четири години таму, играв од почетокот на проектот, имам многу пријатели меѓу играчите, навивачите… Емоционално не ми лесно, но на крајот на денот ова е многу важен натпревар за нас, за место во осминафиналето. За нас важно е да победиме, но растот на Динамо Букурешт во последните четири години е видлив. Играа „фајнал-фор“ на Европската лига, играат добра групна фаза на Лигата на шампионите и проектот е на врвот. Но, сепак и ние добро играме сезонава, победуваме и одиме по зацртаниот план.
Одиме чекор по чекор, бидејќи овие натпревари се критични за нас сезонава. Нема многу време меѓу натпреварите, но навикнати сме на овој ритам. Најважно е да останеме мирни и да знаеме да се справиме со стресот. Не треба да брзаме и отсега да мислиме на следните натпревари. Мора да се бориме и да дадеме се што имаме“, изјави Мохамед Шабиб Мамдух.
Пелистер е на седмото место во групата А со шест бода, исто колку и Висла Плоцк, додека пак Динамо е петти со 10 бода.