Момент на вистината за Македонија во Талин!

268
Фото: ФИБА

Дали македонската кошаркарска репрезентација ќе продолжи да го живее сонот плсман на Европското првенство 2025 година, одговорот ќе биде познат вечерва. Селекторот, Александар Јончевски и неговите момци се пред најважниот дуел, и гостуваат на Естонија во Талин во претпоследниот квалификациски дуел. Задачата е следна, Македонија мора да победи со шест разлика и повеќе за да остане во игра за евробаскетот, секој спротивен резултат ќе значи крај на сите надежи.

За разлика од мечот во Скопје, Македонија ќе биде засилена на бековската линија, но ослабена под обрачите. Ударниот тандем ќе бидат евролигашките кошаркари, Ненад Димитријевиќ и Ти-Џер Шортс, кои за првпат ќе одиграат заедно на еден официјален натпревар.

Сите во тимот веруваат дека победата е остварлива, но за истата мора да одиграат максимално од првата минута. Противникот ќе има поддршка од 7.000 фанови, што пак бара дополнителна концентрација.

„Прво мислам дека треба да бидеме подготвени пофизички. Кошарката оди во тој правец, Естонија покажа дека е доста физичка екипа, што сака да трча и имаат играчи на секоја позиција, дури и евролигашки играчи. Треба да бидеме подготвени за нивната енергија и нивната физикалност и да одговориме на тоа. Мислам дека тоа е најважно. Треба да одиме со помисла дека треба да победиме, не да чекаме што ќе се случи. Tреба да излеземе од прва минута за победа“, изјави Ненад Димитријевиќ за овој дуел.

Капитенот, Војдан Стојановски исто верува дека негативата од Скопје може да се надокнади, но доколку видиме сплотена Македонија на теренот.

„Нема да биде лесно, бидејќи станува збор за добра репрезентација која игра добра кошарка и ќе има поддршка од своите навивачи. Наша задача е да искочиме на терен и да бидеме спремни и да одговориме на нивната црвста и агресивна игра. Пет поени разлика не е нешто недостижно, тоа се два напади. Ако одиграме и ние црвсто во одбраната и делуваме како едно, сигурен сум дека ќе дојдеме до победа“, ни изјави Војдан Стојановски. 

Мечот меѓу Естонија и Македонија е закажан со почеток во 18 часот. Доколку нашата репрезентација успее да го исполни првиот услов за да остане во игра за ЕП, на последниот меч на домашен терен (24.02) треба да слави против Полска и да чека триумф на Литванија против Естонија.

На табелата во нашата група, Естонија и Литванија имаат по седум бодови, додека Македонија и Полска по пет.

 

ПретходноГо прашаа кој е подобар Ферги или Пеп, Мурињо изненадувачки одбра трет тренер!
СледноМакедонија освои уште еден медал на Европското првенство во ММА, Алексовска се пласираше во финале!