Пелистер успеа да дојде до победа за продолжување на сонот наречен – нокаут фаза во Лигата на шампиони. Актуелниот македонски првак синоќа, на домашен терен славеше против Динамо Букурешт со 25-24 и после 12. коло има осум бода исто колку и Висла Плоцк.
Херојот на Пелистер е Никола Митревски, средбата ја заврши со 16 интервенции, една од нив во последните секунди, го фати ударот на Али за реми.
„Им честитам на моите соиграчи и на публиката за фантастичната атмосфера. Динамо е државен проект со дваесетина врвни ракометари. Знаеме дека вложуваат многу и дека се неприкосновени во својата земја, но ние успеавме да ги победиме.
Сите имаат заслуга за оваа победа, среќни сме што успеавме да ги освоиме бодовите и сега одиме напред, со мислите сме на следниот натпревар против Фуксе во Берлин“, вели Никола Митревски.