Македонската кошаркарска репрезентација не успеа да дојде до посакуваното сценарио на гостувањето кај Естонија, беше совладана со убедливи 84-65, пораз кој значи крај на сите надежи за пласман на Европското првенство 2025 година. Нашата репрезентација останува на една победа и четири порази.
„Добро го отворивме мечот, бевме добри во прво полувреме, спроведовме се што подготвуваме овие денови, игравме добро во одбраната, го контролиравме рекетот. Задржавме квалитетен тим како Естонија на 38 поени во едно полувреме.
Но, во второто полувреме промашивме многу отворени шутеви, ако не ги погодиш тие шанси, противникот ќе те казни. Естонија тоа го стори, водена од навивачите и атмосферата тука, го заслужи пласманот на Европскоро првенство, честитки до нив. Нам ни останува да гледаме напред и да се надеваме на пласман на следното првенство“, изјави по мечот селекторот, Александар Јончевски.
Последниот квалификациски меч за ЕП 2025 година, Македонија го игра во понеделник против Полска на домашен терен.