Алкалоид со убедлива победа го завери пласманот во четвртфиналето во ЕХФ Европскиот Куп, откако на домашен терен го совлада Бриксен со 38-31 во реванш мечот. Противникот на патот кон полуфиналето актуелниот освојувач на Купот на Македонија ќе го добие во вторник.
„Мислам дека заслужено ја поминавме оваа осминафинална пречка, со една брза и полетна екипа, можеби немаше противникот ротација, но тие осум до девет играчи играат квалитетно, тоа се увиде во првото полувреме. На Бриксен му фалеа два до три играчи за да издржи да се носи.
Ние го скршивме мечот во 35 минута, се сврти резултатот кон нас. Во првото полувреме во дадени ситуации реагиравме пребрзо, правевме грешки и тоа мора да го поправиме во иднина“, изјави Кирил Лазаров после мечот.
Тој вели дека во 1/4 финалето ги чекаат квалитетни противници, ќе има интересни мечеви и за гледање и за играње.
„Кажав уште и пред мечот, има три квалитетни противници кои не се толку квалитетни како останатите четири и би било добро да ги избегнеме останатите четири. Ние влеговме во најдобрите осум, ќе биде борба за полуфинале. Ќе се играат мечевите во еден период во кој ќе има доста натпревари, како клупски така и репрезентативни“.