Коментар на 20.коло: Ова е тој НОВ Вардар!

208

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Ако на стартот од пролетниот дел фудбалската јавност беше едногласна, и покрај поразот од Шкендија, дека видовме некој друг Вардар и дека среќата недостигаше да се победи тимот од Тетово, тогаш по она што се случи во Струга во саботата, триумф од 0:2 и надигран шампионот, тогаш и дефинитивно можеме да кажеме – ОВА Е ТОЈ НОВ ВАРДАР!

Кога раководството на клубот маестрално ќе си ја заврши работата во преодниот рок, кога го имаш на клупата таков стратег како Седло, кога работите ќе ги поставиш на вистинско место, тогаш резултатот кога тогаш ќе дојде.

А дојде на најтешкиот терен, на теренот на шампионот, на теренот на најсилниот тим во ПМФЛ.

И во саботата видовме полетен Вардар, тим кој знае што сака, не се плаши и да нападне, храбар Вардар а посебно Седло со давањето шанса на еден младинец Мурџески кој го имаше своето деби токму против шампионот. Тоа е рецептот за во иднина.

Сега сите во ПМФЛ со поинакви очи ќе го гледаат НОВИОТ Вардар, нема да им биде сеедно кога играат и дома со тимот на Седло, а да не говориме кога треба да гостуваат на Градски.

Најважно е што од се што сега Вардар како клуб по пауза од неколку години има визија што треба да се стори. Не знаеме дали ќе дојде тоа брзо или малку поспоро, ама ќе дојде. Не може поинаку.

Сега полесно се дише. Сега Вардар е надвор од опасната зона. Сега треба само да се продолжи со истото темпо и не само да се избегнат последните места туку и она кое води во бараж. Доста се стресови за вистинските фанови на нашиот најтрофеен клуб ако се знае дека во последните две сезони Вардар играше бараж за пласман или останување во елитата.

Добар Вардар, силен Вардар е добро не само за сиот мак – фудбал, туку и за останатите клубови. Барем така велат сите па и оние кои не се фанови на скопските “црвено – црни“. Па нека биде така.

За останатите мечеви што да се каже? Шкендија покажува сила. Максимални шест бода по побдите нас Вардар и Силекс, очигледно е дека тренерот Јетон Беќири и покрај одредени критики знае што прави.

Силекс во првите две кола освои само бод и сега е на -5 бода од лидерот Шкендија. Работнички не блеска ама ја победи Воска. Гостивар направи голем кикс против Беса, освои само бод а Струга ТЛ се чини во саботата се прости од титулата. Сега шампионот е на -11 бода во однос на лидерот а се играат уште 13 кола.

Тиквеш на свој терен сам “си пукаше во нога“ што се вели, овој пораз од Пелистер не смееше да им се случи на кавадарчани. Шкупи одличен, два меча и две победи.

Во среда се играат мечевите од 1/4 финалето во Купот, а во недела нови возбудувања во ПМФЛ.

ПретходноИднината на женската одбојка викендов на собир во Скопје
СледноДамјан ти благодариме за се (ФОТО)