Што ќе посееш – тоа и ќе жнееш: Време е за кошаркарска реконструкција!

362

Марија Ковачева

Кошаркарска Македонија ќе мора да чека четири години за пласман на Европско првенство. Ниту во овие квалификации „црвено-жолтите“ не успеаја да го заверат своето место на континенталното натпреварување кое ќе се одржи оваа година.

Агонијата од десет години продолжува. Одлуката да се игра Европско првенство на секои четири години, а притоа квалификациите да се делат во прозорци во текот на годината за земји како Македонија е погубна.

Зошто? Одговорот е едноставен, секогаш на располагање го немаме ростерот кој би донел многу повеќе. Го имаме еден Андреј Јакимовски, но овој момент исто како да го немаме. Неговиот клуб во НЦАА-лига не дозволува да бидел дел од квалификациските прозорци. Имаме двајца евролигашки кошаркари (Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј-Шортс), кои секогаш не можат да одговорат на повикот, бидејќи се зависи од добрата волја на нивните клубови, а таа не е секогаш најдобра. Видовме дека Македонија со Нено и Шортс изгледа многу подобро, но и двајцата не можат против сите, ако немаат вистинска поддршка. Против Естонија немаше кој да ги реализира отворените шутеви.

Но, ова не е најголемиот проблем.

Секоја настап на големата сцена ни се удира од глава. Велат што ќе посееш, тоа ќе жнееш. Изрека која во овој момент е најсоодветна за сениорската репрезентативна кошарка.

Наместо секој пораз на европска сцена да биде отрезнување, секој гледа да го впери прстот кон некого и вината што Македонија тоне како кошаркарска нација ја префрла на некој друг. И сето ова се врти во круг.

Клубовите се првите виновници. Не треба да си долго време во кошарката за да го сфатиш начинот на функционирање. Никој, ама никој не направи чекор напред во создавање на репрезентативна иднина.

Семето кај нас е труло, и тоа само од лични интереси. Повеќе странци – за поголем ваучер. Парички на сметка – приказни за замачкување на очи колку сакаш, сите се удираат во гради. Сезоната не е до половина, а веќе клубовите на големо ги ротираат евтините странски кошаркари на сметка на младите.

Колку Македонија е назад во однос на останатите земји, колку навистина не се работи професионално, говори податокот дека АБА2-лига е пресилна за клубовите од нашето поднебје. Не можеме да се мериме во една второлигашка конкуренција и тоа со екипи кои имаат странски играчи, а што да кажеме за натпреварувања како едни квалификации за пласман на Европско првенство.

Едноставни податоци колку сме назад:

-МЗТ Скопје во Купот на Македонија доминантно стигна до трофејот, а беше елиминиран во АБА2-лига. Работнички, кој заедно со градскиот ривал треба да биде расадник на таленти, се дави во проблеми, стана станица за „иди ми – дојди ми“ на кошаркари од надвор. Иста политика е кај другите тимови.

-До скоро клубовите играа во ладни сали, се додека Пелистер не побара да се исполнат основните услови. Што треба да се додаде понатаму…

ВРЕМЕ Е ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА

Од 2015 година, па наваму по секое разочарување, коментарите се исти, а тие што треба да се грижат за подобро утро на овој спорт остануваат пасивни.

Време е за целосна реконтрукција. Четири години не делат од следното Европско првенство, ако не фатиме овој воз, ќе останеме заглавени во минатото.

Време е да се охрабриме и да го подмладиме сениорскиот тим, а не да се потпираме на играчи кои зошто само во домашниот шампионат се на цена и се главни зошто немаме други кошаркари. Или пак да се потпираме на оние кои веќе одамна треба да бидат на трибините. Треба да им се заблагодариме.

Таленти имаме, не во толку голем број, но истите заслужуваат да се најдат на сениорскиот список и конечно да видиме дали грешиме или пак навистина можеме да сметаме на нив.

Не можеме да се потпираме на минатото мораме да гледаме кон иднината. Мали некошаркарки земји чекорат напред, додека ние не сакаме да се охрабриме и да ја спасиме репрезентативната кошарка.

Време да се заскукаат ракавите и навистина да се мисли за доброто на овој спорт. Да се создаде национална стратегија.

Помалку промовирање на самите себе си, расфрлање со демагогии, постирање на видео-записи од мечеви кои се под секое ниво, издвојување на 60 поени на еден меч или забивање. Ништо од ова не значи, освен за родителите, кои се „купуваат“ со евтини приказни.

Секој талент мора да се негува, секој клуб мора вистински да вложува.  Македонија заслужува многу подобро од ова!

ПретходноТоа е Челзи: Го продадоа за 23 милиони евра, а сега ќе го купуваат за 85 милиони!
СледноМеси ќе се врати во Барселона побрзо од очекувањата!