По двете домашни победи, ракометарите на Пелистер заминаа за Германија каде веќе утре ги чека дуелот со Фуксе Берлин во рамките на претпоследното коло во Лигата на шампиони. Аткуелниот македонски првак е во игра за пласман во нокаут-фазата во ова натпреварување, има осум бода исто колку и Висла Плоцк.
Пред заминувањето за Германија и натпреварот против Фуксе Берлин, Раул Алонсо, кој внесе вистина свежина во играта на Пелистер, потенцира дека овој месец е најтежок, но не само за нив, туку и за противникот.
„Февруари е брутален, но така е за сите екипи. Фуксе Берлин го има истиот проблем со заморот како и ние. Тие пред неколку дена играа со Флензбург во Бунделсигата. Навистина играат добро. Сепак, навикнати сме, малку имаме време да уживаме по одличниот домашен натпревар и среќен сум што напорната работа се исплатува. Секој трет ден играме натпревар, сега патуваме за Германија, ни следи натпревар со врвна екипа и светска класа на ракометари. Наша цел ни е да одиграме на највисоко ниво во Берлин. Завршивме одлична работа во последните неколку месеци, освоивме многу бодови и достигнавме ниво да се натпреваруваме на високо ниво на домашен терен и сега предизвик е да се покажеме така добро во гости. Има полесни натпревари од овој во Берлин, но кога играте во Лигата на шампионите секој натпревар е тежок“, изјави Алонсо.
Шпанскиот стратег е свесен дека ова гостување нема да биде лесно, особено ако се земе составот на противникот. За да може да се надеваат на добра угра ќе мораат да одиграат без грешка.