Меритон Гега повторно победи против Гостивар, исто како и во мај минатата година во дебитантскиот натпревар како тренер на Струга Трим Лум. Денеска повторно на клупата на стружани, Гега успеа да слави во четвртфиналето на купот против Гостивар и да го однесе шампионот до полуфиналето.
„Многу сум среќен за оваа победа над Гостивар. Точно е дека лани дебитирав со победа против истиот противник, но верувам дека овојпат победата е уште послатка, бидејќи ни обезбеди полуфинале на Купот, каде се надеваме дека ќе стигнеме до самиот крај. Струга Трим Лум заслужува да го освои овој трофеј што ни недостасува како тим на нашата 10-годишнина од формирањето. Навистина би бил многу среќен доколку се случи нешто такво. Знаеме дека ќе биде тешко, но верувам во тимот и квалитетот што го поседуваме“, вели тренерот на Струга ТЛ.