Лука Дончиќ го одигра својот прв натпревар против Далас Маверикс, клубот во кој ја започна својата кариера и каде што стана миленик на навивачите. ЛА Лејкерс ги пречека Маверикс во својата арена и ги совлада со 107:99.
Словенечката НБА-ѕвезда го заврши натпреварот со 19 поени, 15 скока, 12 асистенции, три блокади и две украдени топки. По натпреварот тој рече дека едвај чека да си легне.
Словенечкиот кошаркар се појави во живо на ТНТ каде рече дека само сака да спие по овој натпревар. Сепак, на прес-конференцијата тој беше малку поконкретен кога новинарите го прашаа дали сега ги прекинал односите со Далас.
“Ќе ми треба малку време за да ја завршам оваа приказна. Мислам, не е идеално, но мило ми е што овој натпревар заврши. Имаше многу емоции, но одиме чекор по чекор. Секој ден е се подобро”, рече Словенецот, кој потенцира дека едвај чека да си дојде дома и да заспие:
„Се чувствувам одлично, но едвај чекам да заспијам, искрено“.
Во неколку наврати во текот на натпреварот Дончиќ фрли поглед кон своите поранешни шефови. Беше импресивно кога погоди тројка над двајца чувари во првата четвртина, а потоа се сврте кон клупата на Далас. Во текот на целиот натпревар имаше неколку вакви ситуации.