Тренерот на Барселона Ханси Флик имаше измешани чувства по драматичното реми против Атлетико Мадрид (4:4) во првиот натпревар од полуфиналето на Купот на кралот. Каталонците направија пресврт по лошиот старт и водеа со 4:2 до последните минути, но испуштија победа.
„Разочаран сум од резултатот поради начинот на кој одигравме по двата примени гола на почетокот. Создадовме многу шанси. Во последните неколку минути дозволивме да настане голема опасност. Атлетико е многу силен тим.
Имавме големи шанси да победиме. Треба да разговараме со играчите за грешките што ги направивме во одбраната. Се надевам дека можеме да го поправиме. Ние сме млад тим и сигурно ќе продолжиме да се развиваме“, потенцира германскиот специјалист.
Тој верува дека неговиот тим може да дојде до победа во Мадрид, ако нешто го радува од оваа средба тоа е формата на играчите.
„Можеме да победиме во Мадрид. Доминиравме 70 минути, но на крајот дозволивме да бидеме под притисок. Не ми се допадна како постапивме во ситуацијата со последниот гол. Сепак, задоволен сум од формата на повеќето играчи и сигурен сум дека сме на добар пат“, додаде Ханси Флик.