Алкалоид им се врати на победите после поразот во дербито на колото во Супер-лигата од Пелистер. Избраниците на Кирил Лазаров на домашен терен го совладаа Пролет со убедливи 35-26 во првиот меч од 20 коло.
За Алкалоид ова е 18-та победа оваа сезона, има и два порази, додека на другата страна Пролет има скор од 10 порази, пет победи и пет ремија.
Дамјан Митев со 11 гола беше прв стрелец кај победникот, шест имаше Петковски, додека пет погодоци запиша Ивановски. На другата страна Стојановски запиша пет гола.
Гостите имаа сили само за едно полувреме. Беа рамноправен противник до пред самиот крај на овој дел од мечот, имаа и минимално водство од еден гол, а после 10-10 застанаа. Алкалоид со четири гола во низа на одморот замина со позитива од 14-10.
Актуелниот освојувач на Купот на Македонија за кратко време во вториот дел ја најави победата. Отвори со 9-1 и поведе со 23-15. Од овој момент наметна високо темпо кое противникот не можеше да го прати. На крајот бодовите сосема заслужено останаа во Автокоманда.