Денес, Попова Шапка беше центарот на скијачките возбудувања на Балканот! Со врвни натпревари, импресивни настапи и несекојдневна атмосфера, 41-от Шарпланински куп заврши на најдобар можен начин – со возбуда, спортски дух и многу адреналин. На снежните падини на Шара, во динамичните слаломски трки, 37 учесници од 9 различни држави се натпреваруваа за престижниот пехар, носејќи неизмерна енергија и страст кон спортот. Овој куп не е само натпревар – тој е симбол на традиција, посветеност и љубов кон скијањето.
На церемонијалното затворање, освен скијачката елита, присуствуваа и претставници од Министерството за спорт, Собранието и Општина Тетово, поддржувачи на настанот, како и љубители на зимските спортови, кои имаа чест да ги прослават успесите на најдобрите натпреварувачи.
„По 12 години пауза, со голема гордост го вративме најстариот меѓународен скијачки натпревар на Балканот – реномираниот Шарпланински куп. Овие два натпреварувачки дена донесоа возбудливи трки, одлични натпреварувачи од целиот регион и незаборавно спортско дружење. Неизмерна благодарност до сите спортски клубови, спортски работници и поддржувачи за нивната помош и придонес кон реализацијата на овој куп. Македонија уште еднаш докажа дека има капацитет да организира настан од ваков ранг, а ова е само почеток – со голема посветеност ја продолжуваме традицијата на Шарпланинскиот куп.“– изјави Дејан Пановски, претседател на СФМ.
Победници на 41-от Шарпланински куп
Категорија жени:
Дева Лирика – Косово
Паул Миа – Бугарија
Милевска Ева – Македонија / Папуци Арба – Косово
Категорија мажи:
Стоилов Константин – Бугарија
Главчев Иван – Бугарија
Лазарески Мирко – Македонија / Семерџиев Марко – Бугарија