Мукаетов: Ракометот бил, è и ќе остане македонска гордост, а тука, треба да се исклучат секакви импровизации, освен најдоброто.

98

Живко Мукаетов ја завршува својата мисија во Ракометната федерација на Македонија на чие чело беше во изминатите 12 години. Постави високи стандарди, го направи ракометот спорт број еден во Македонија.

Мукаетов на чело на РФМ дојде во 2013 година со една цел, да го подигне нивото на ракометот, да воведе професионализам и модернизација, која денеска и тоа како се гледа. Од самата федерација и нејзиното функционирање до сите национални селекции.

„Во март 2013 година, во моето обраќање до Собранието на РФМ, изјавив дека ќе се потрудам македонскиот ракомет да функционира на малку поинаков начин: дисциплина и напорна работа пред сѐ; организациска структура со точно дефинирани одговорности. Стартувавме со финансиски долг (кредит) и конфузно функционирање на системот. Наши приоритети, беa модернизација на работењето на Федерацијата, интензивирање на активностите кај младите категории, комплетна поддршка на сите национални селекции, едукација на судии и тренери и ред други придобивки кои ги решававме системски, чекор по чекор со лимитираните ресурси кои ни беа на располагање. За 12 години, колку што траеше мандатот на оваа раководна гарнитура, не само што успеавме да го реализираме зацртаното, патем, се справивме и со бројни предизвици на кои им посветувавме должно внимание, со цел македонскиот ракомет функционира на завидно ниво“, рече Мукаетов.

Тој се зборуваше и националните селекции, за сето она во кое уживаше македонската нација, во неговиот мандат Македонија учествуваше на шест Европски првенства и шест Светски првенства. Потенцираше дека мора да се поработи повеќе во женскиот ракомет.

„Од вкупно 14 учества на Македонија на големи натпреварувања, во тек на изминативе 12 години мандат, со машките сениори поминавме 6 Европски и 6 Светски првенства. Освоеното 9то место на СП2015 во Катар, по сите параметри беше најдобриот пласман на светски првенства на машките сениори во историјата на македонскиот ракомет воопшто. По него, следеше горливиот потфат наречен смена на генерација кој го спроведовме на неколку фази и низ неколку циклуси, притоа внимавајќи на задржување на континуитетот на големите натпреварувања. Имавме визија за тоа како треба да се скрои идеален состав, издржавме во мисијата, поднесувајќи ги сите удари, но добивме селекција со голем потенцијал. Како трета најмлада селекција на СП2025 одиграно во јануари во Хрватска/Данска/Норвешка (со просек 25,5 години), Македонија се пласираше на 15 место во конкуренција од 32 репрезентации. Момците го дадоа својот максимум преку борбеност и храбра игра, што нацијата го препозна и поздрави. Настапивме со комплетно нов тим, во кој сите играчи беа од македонската лига. Момците одиграа шест меча (од кои последниот со Франција), на кои добро се носевме. Простор за подобрување секако има, што во ‘превод’ би значело дека треба време за да се собере и стекне потребното играчко искуство, притоа водејќи сметка за техничката подготвеност и нивото на спремност на ракометарите. Иако иднината личи светла, мора уште многу континуирано да се работи! Мора да се работи и на полето на женскиот ракомет.. Можеби можевме повеќе, но знаете што обично се случува со задоцнетите камати. Факт е дека пред повеќе од дваесет години Кометал беше национална гордост за сите нас. До пред неколку години, ги следевме и успесите на ЖРК Вардар во Лигата на шампиони. Сепак, мора да бидеме свесни дека обата проекти имаа многу мало влијание од репрезентативен аспект. Во 2024, женската ракометна репрезентација успеа да се пласира на ЕП преку квалификации по цели 12 години; кое првенство сениорките го завршија 18-рангирани. Ова беше второ учество на женската национална селекција на најсилното континентално натпреварување, откако во 2022 година Скопје беше домаќин на Европското сениорско првенство во ракомет за жени, каде бевме 16-рангирани. Има моменти кои се ветувачки, има потенцијал за поголеми дострели, но како реков, ќе треба уште многу да се работи на полето на подигнување на женскиот ракомет. Во континуираните обиди низ годините, чија цел беше да се подобрат условите на сите инволвирани во ракометниот спорт, РФМ не само што презема обрвска на клубовите да им ги исплаќа судиските такси, туку за прв пат по 1992 година ги зголеми судиските и делегатските такси за регуларниот дел, а потоа посебно и за Плеј оф-от. Двојно беше намалена котизацијата за сите суперлигашки екипи, а целосно беа ослободени од котизација сите екипи во сите други лиги, во сениорска и во младинска категорија. Потоа, следуваше укинување на сите судиски и делегатски такси за сите клубови од младинските категории (младински, кадетски и пионерски лиги во машка и во женска конкуренција), а подоцна РФМ ги презеде и трошоците за судиските и за делегатските такси во системот на натпревари за сите клубови во Женската сениорска лига, вклучително и патните трошоци за службените лица. Како Федерација би сакал да му оддадеме особена почит на историскиот успех на РК „Вардар“ со освоената титула на ЕХФ – Ф4 Лигата на шампионите, во 2017 и во 2019 година. Во 2019 година, македонскиот клупски ракомет го забележа највисокото рангирање во историјата, со освоени 115 бода, искачувајќи се од седмото на третото место на европската табела на најуспешните. Горди сме и на петте последователни учества на ЖРК Вардар во Лигата на шампионите. Дискрепанција пак, помеѓу резултатите на клупски и репрезентативен план, беше причината поради која како Федерација, се одлучивме да го ограничиме бројот на странци во домашното првенство и во куп-натпреварувањето, почнувајќи од сезоната 2015/2016 на 12, односно на 8 странци до сезоната 2019/2020; воведувајќи и одредени критериуми според кои таквиот ангажман би требало да се одвива. Оваа одлука беше направена со единствена цел – да се подобрат перформансите на македонските играчи кои се носители на црвено-жолтиот дрес. Во базата на Федерацијата, има регистрирано околу 3000 ??? илјади млади ракометни таленти. Би требало и тие деца да добијат шанса, а во изминативе 12 години се покажа дека испливаа доста млади надежни ракометари и ракометарки. Работењето со младите селекции, кое претходно не беше воопшто присутно во програмата за работа на Федерацијата, стана врвен приоритет на оваа раководна гарнитура уште од март 2013 година. Ги пријавувавме младите на сите квалификациски турнири, сите младински репрезентации во женска и машка конкуренција со цел да бидат присутни на меѓународната сцена и стекнат играчко искуство. Ги пријавивме и за активно учество на меѓународните пријателски/контролни ракометни турнири во младинските категории. Донесовме одлука, секој суперлигаш да има младинска претходница, со што младите играчи ќе имаат шанси за што почести настапи и соочување со своите врсници. Со тек на време, резултатите од овие мерки стана видливи. Во 2017 година, македонските младинци беа 6ти на Светското првенство во Алжир; во 2023 македонските кадети беа 9ти на мундијалот во Хрватска, а во 2024 младинците завршија 9ти на европското првенство во Словенија со победа над репрезентацијата на Франција. Во изминативе 12 години, младинските категории учествувале на 11 женски и 12 машки големи натпреварувања. Под капата на ЕХФ и ИХФ, Федерацијата во Македонија има организирано 6 женски и 3 машки натпреварувања во младински категории и 1 женско континентално натпреварување во сениорска категорија. Работењето со младите категории е непроценливо од аспект на тестирање на можностите и собирање на непроценливо играчко искуство – што би предложил да продолжи и во иднина“.

Тој им се заблагодари на сите кои беа дел од федерацијата, како и на селекторот, Кирил Лазаров.

„Во оваа прилика, би сакал да се заблагодарам на соработката на оперативниот состав во канцеларијата на РФМ за нивниот несебичен ангажман. Благодарност до секретарот Филип Милошевски кој беспрекорно ја вршеше должноста сите овие години. Морам да се заблагодарам и на најдобриот македонски ракометар на сите времиња, македонската гордост, Кирил Лазаров, кој одлучи токму тука, да го вложи целото свое знаење и искуство стекнато во тек на неговата професионална кариера градена макотрпно надвор од Македонија. Посветеноста е максимална и очигледна во секој поглед, а неговото лидерство преку личен пример е она што влева надеж за градење на препознатлив систем за модерен ракомет. Би сакал да се заблагодарам на спонзорите на Федерацијата за нивната поддршка во навистина тешки и неизвесни времиња, благодарност до сите ракометни работници и целата македонска јавност за поддршката. Ракометот бил, è и ќе остане македонска гордост, а тука, треба да се исклучат секакви импровизации, освен најдоброто. Лично, посакувам кормилото на Федерацијата да го преземе личност која ќе има желба, визија и стратегија и понатаму квалитетно да го развива македонскиот ракомет. Оставаме функционален систем, без никакви долгови, за чие создавање долги години макотрпно работевме. Систем кој треба да се одржи и надгради за да постои уште многу долго презентирајќи што подобри резултати. Црвено-жолтиот дрес е чест и привилегија, но носи и огромна одговорност“. 

ПретходноФутсал репрезентацијата ги започнува подготовките за дуелите со Холандија и Андора!
СледноАлександар Стефанов е новиот претседател на РФМ