Македонската ракометна федерација од денеска има нов претседател, Александар Стефанов, кој доаѓа на местото на Живко Мукаетов, кој ја водеше федерацијата во претходните 12 години.
Стефанов најави дека својата функција ќе ја извршува без надомест и дека сака да го продолжи трендот на редовни учества на големите натпреварувања, како и задржување на приматот спорт 1 во Македонија.
„На ова столче седеле претседатели кои низ годините оставиле белег, сакам да им се заблагодарам на сите претходни претседатели кои оставиле тежина. Сите заедно да придонесеме денеска ракометот како национален спорт да остане спорт број 1. Јас оваа функција ќе ја извршувам про боно, без никаков надомест, ќе сторам се за да продолжиме да остваруваме успеси на сите полиња“, нагласи Стефанов во своето прво обраќање како претседател на РФМ.