Само два дена по онаа победа во Купот на Македонија против Силекс и пласманот во полуфиналето, Вардар денеска одново ќе има свој настап, и тоа во меч од 21.коло ВО ПМФЛ против Беса. Ова е поради затворањето на Арената “Тодор Проески“ од утре.
Јасно е дека тимот на стратегот Гоце Седлоски немаше премногу време да се подготвува за денешниот дуел со добриот тим на Беса, но исто така јасно е дека и покрај се, Вардар оди по трите бода.
Кога ќе се погледне табелата тогаш ќе се забележи од какво значење е овој меч и за двете екипи. Нашиот најтрофеен клуб со победа и три бода секако дека ќе побегне од опасната зона, полесно и тоа како ќе се “дише“ во вардаровиот табор. Секако дека Беса не смее никако предвреме да се отпише. Горазд Михаилов има добар тим, јасно е дека неговиот состав ќе даде се од себе да дојде барем до бод ако се знае дека на првите два меча од можни шест успеа да дојде само до еден бод.
Според играта, традицијата, тимот и секако формата, јасно е дека денеска домашниот тим е фаворит на хартија. Седлоски има доволен ростер од квалитетни играчи, но ова е ПМФЛ, ова е мак-фудбал каде се е можно.
Од друга страна овој нов Вардар е во налет. Тоа убаво го покажа со Струга ТЛ на гости и со Силекс дома, па и со Шкендија, иако со тетовци доживеа несреќен пораз. Вардар сака продолжување на победничкиот тренд.
Во секој случај ќе биде интересно.
Уште еднаш. Денеска на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, во меч од 21.коло, Вардар ја дочекува Беса.
Сите останати мечеви од ова 21.коло се играат утре од 14 часот.