✍ Марија Ковачева
Денеска завршува претседателскиот мандат на Живко Мукаетов во Ракометната федерација на Македонија. Најуспешниот македонски бизнисмен зад себе остава наследство, визија и иднина за македонскиот ракомет.
Кога во 2013 година застана на чело на „куќата на ракометот“ заедно со генералниот секретар Филип Милошевски и нивните соработници, македонскиот ракомет се соочуваше со огромни предизвици – финансиски проблеми, неизвесност и отсуство на стабилност.
Но, Мукаетов имаше визија, не само што веруваше, туку и докажа дека со јасна стратегија и посветена работа, ракометот може да стане спорт број еден во Македонија.
Денеска, 12 години подоцна, нема дилеми – ракометот не само што спорт број еден, туку и стана пример за другите федерации, како без финансиска поддршка однадвор до беспрекорно функционирање. Ракометната федерација на Македонија доби почит и доверба во Европа и во светот.
Од рушевини до гордост
Кога ја презеде федерацијата, Мукаетов наследи долгови и кредит. Но, наместо да бара изговори, тој бараше решенија. Наместо да гледа во минатото, тој создаде иднина. Го изгради македонскиот ракомет врз цврсти и здрави темели – не само финансиски, туку и спортски.
Македонија беше домаќин на бројни светски и европски натпреварувања во младински категории, и во машка и во женска конкуренција. Да не заборавиме, Скопје беше домаќин на Европското првенство во женска конкуренција во 2022 година, а РФМ имаше организација за восхит. Без ниту една грешка, со високи стандарди, подобро од „зелената“ Словенија и Црна Гора.
Ги постави младите ракометари како приоритет, затоа што знаеше дека само така ќе го осигури континуитетот на македонскиот ракомет на големата сцена. Ги задолжи супер-лигашите да имаат младински категории, ги ослободи од трошоци (судиски и делегатски) младинските екипи, тимовите во Прва-лига, како и екипите во женската Супер-лига.
Во изминатите 12 години, во време на неговиот мандат, Македонија не само што учествуваше на шест Европски и шест Светски првенства, туку ја градеше својата иднина, а тоа вроди плод: Во 2017 година младинците беа 6-ти на Светското првенство во Алжир, во 2023 македонските кадети беа 9-ти на СП во Хрватска, а во 2024 младинците завршија 9-ти на Европското првенство во Словенија со победа над Франција.
Најголемиот предизвик – смената на генерации
Секоја нација поминува низ тежок процес кога треба да се направи смена на генерации. Македонија не беше исклучок. Но, во најчувствителниот момент, Мукаетов му подаде рака на најдобриот македонски ракометар, сегашен селектор, Кирил Лазаров. Заедно го направија невозможното – тешката транзиција ја претворија во нова надеж.
Беа заедно критикувани, но не се повлекоа, останаа исправени пред најголемиот предизвик. Веруваа во тоа што го прават, а времето покажа дека биле во право. На Светското првенство во Вараждин видовме една поинаква Македонија, новата генерација изгради сопствен индетитет.
Новиот претседател пред голем предизвик
Денеска, на чело на РФМ ќе застане нов претседател. Мукаетов зад себе не остава само бројки, резултати… Остава систем, стабилност и пат кој треба да се следи.
Новиот лидер ќе не само што ќе треба да го одржи овој стандард, туку и да го надогради. Оваа тешка задача му останува на Александар Стефанов, единствениот кандидат за претседателското место на РФМ.
Живко Мукаетов ќе остане запишан како човек кој го издигна македонскиот ракомет, го зацврсти, му даде иднина и го направи спорт број еден во Македонија.
Неговата мисија не завршува тука, тој заедно со Лазаров го создадоа проектот РК Алкалоид, место каде македонските ракометари имаат предност пред странските играчи, нешто што мора да го практикуваат сите за подобро утре на репрезентативниот ракомет.