По двата порази во пролетниот дел во исто толку првенствени мечеви, без постигнат гол, со Гостивар на гости и со Вардар дома, денеска тимот на Струга Трим Лум мора по секоја цена да “брка“ победа. И тоа во Кратово и тоа кај Силекс на гости.
Секако дека ова е дерби на 21.коло во ПМФЛ, но ова е и меч на кој ќе се решава судбината на шампионот во оваа сезона. Со реми во Кратово, а посебно со пораз се чини дека и дефинитивно уште утре Струга ТЛ ќе ја предаде круната. Бодовната разлика ќе биде минус 12-13 бодови и се ќе биде јасно. Значи дека за Струга ТЛ денеска е Денот Д што се вели.
Откако пред два дена беше и официјално промовиран за нов стратег на Струга Трим Лум, денеска во Кратово своето деби ќе го има Илчо Ѓорѓиоски, некогашен прв човек на Фудбалската федерација на Македонија и шампионски тренер со Македонија ЃП и Вардар.
Од него се очекува да донесе поголема дисциплина во играта на шампионот, да го “стегне“ тимот и да почне да победува.
Не паметиме кога тоа, во последните две години, Струга ТЛ не постигнала гол на три натпревари во серија, ако биде така и денеска во Кратово.
Јасно е дека Силекс си има свои математики. И за кратовци овој натпревар е екстра важен во битката за врвот. Јасно е дека ќе има многу тактички надмудрувања меѓу тренерите Васоски и Ѓорѓиоски, а некаде околу 16 часот ќе видиме каков ќе биде исходот од оваа дерби средба.