ФК Пелистер денеска го прославува својот 80-то роденден. Секако дека и нашата редакција му го честита роденденот на еден од нашите најпознати и најголеми фудбалски клубови во Македонија. Пелистер отсекогаш во текот на изминатите осум децении бил гордоста на Битола, на градот кој на мак – фудбалот и даде повеќе фудбалски великани.
Пелистер е голем и поради навивачите, “Чкембарите“ кои и тоа како знаат што значи за нив, за градот и за Македонија нивниот ФК Пелистер.
А еве што објавија луѓето од ФК Пелистер на социјалните мрежи по повод јубилејната годишнина од основањето на клубот.
Среќен 80-ти роденден ФК Пелистер!
На денешен ден, пред точно 80 години, е формиран нашиот фудбалски клуб – Пелистер.
ФК Пелистер е култен фудбалски клуб од Битола, кој започнува официјално да живее на фудбалската сцена во Македонија од 1945 година. Своите натпревари ги игра на стадионот „Петар Милошевски“ и секогаш има поддршка од нашите верни навивачи и поддржувачи „Чкембари“.
Како еден од нашите најрепрезентативни клубови, низ нашата богата историја во клубот, со свој печат и вградени дела поминале повеќе фудбалери, трненери, управи, навивачи и љубители на фудбалот во Битола. Пелистер е освојувач на два Купа на Македонија, играл во уште три финалиња, а достојно ја репрезентирал нашата земја и во Европа. Денес клубот е стабилен прволигаш, има јасен план за развој и надградба и светло гледа на својата иднина.
Им се заблагодаруваме на оние кои го формирале клубот во далечната 1945 година, како и на сите наши досегашни поддржувачи и фанови.
80 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ, 80 ГОДИНИ ЉУБОВ