Коментар на 22.коло: Работнички го губи чекорот во битката за титулата, Струга ТЛ конечно покажа зошто е шампион!

136

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вчера со мечевите од 22.коло заврши вториот круг во тековната сезона во ПМФЛ. Вардар го надигра и победи Работнички. Јасно е дека ова не е изненадување, напротив, Вардар оваа пролет е добар, одличен, ама изненадување е како тоа Работнички го губи чекорот во битката за титулата. На четирите пролетни меча само една победа и едно реми и два порази, и само еден постигнат гол. Од можни 12 бода освоени се само 4. И затоа сега тимот на Станиќ е со -5 бода во однос на лидерот Шкендија.

Ако продолжат вака “романтичарите“ тогаш и Европа за нив ќе биде далеку, за титулата да не правме ни муабет.

Зарем толку значеа Регба и Мазари, навистина не е јасно.

Рековме Вардар уште еднаш покажа сила. Тимот на Седлоски победи уште еднаш и сега веќе е дефинитивно дека овој Вардар оваа пролет им влева страв на своите ривали. Сега друга песна се “пее“ кога игра Вардар.

Конечно, конечно по долго, долго време Струга ТЛ покажа зошто сеуште е шампион. Тимот на новиот стратег Илчо Ѓорѓиоски просто ја “распарчи“ Шкендија. И не само поради тие 3:0, многу повеќе поради тоа како одигра Струга ТЛ, а одигра шампионски. Штета што нема барем 5-6 бода повеќе за да гледаме супер интересна битка за титулата.

Затоа Силекс се заканува. Просто неверојатни се тие 0:5 против Беса и тоа како гости. Кратовци во пресрет на третиот круг сезонава имаат само -2 бода во однос на лидерот Шкендија.

Уф, каков златен гол на Берат Садик за златна победа на Тиквеш против Шкупи. Можеме само да претпоставиме што ќе беше ако кавадарчани не ги освоеја тие три бода. Тренерот Мојсов за “СпортСпорт“ истакна дека неговиот тим одигра најслаб меч откако тој е тренер, но и дека е пресреќен поради победата. Секако дека тој повеќе посакува неговиот тим да игра слабо и да победува отколку Тиквеш да игра добро, да креира шанси и да губи. Не се паметат играта и шансите, се бројат бодовите. Тоа е она најважно во фудбалот.

Исто така златен гол, исто во 89.минута, постигна и Ервин за Гостивар. Со таа победа на гости кај Брера, сега Гостивар е на -3 бода во однос на Шкендија и -1 во однос на вториот Силекс. Допрва оваа битка за титулата ќе биде уште пожестока.

Во битката за опстанокот Беса е најзагрозена. Што ли се случува со тимот на Горазд Михаилов? Да примиш пет гола на свој терен во оваа наша ПМФЛ, навистина е чудно. Тимот од Добри Дол на четири меча освои само два бода и сеуште нема дадено гол оваа пролет.

Веќе во недела стартува третиот круг, значи остануваат уште 11 кола до крајот.

ПретходноАлисон се израмни со Лунин и Куртоа
СледноФИФА размислува за промени кои за Македонија би значеле историја!