Пелистер со пораз ја заврши својата втора сезона во Лигата на шампиони, откако на домашен терен беше совладан од фаворитот ПСЖ со 26-35. Актуелниот македонски првак групната фаза ја заврши со скор од три победи, две ремија и 8 порази, или вкупно 8 бода. Полош тим од Пелистер во групата А е само Фредериција.
Капитенот Филип Кузмановски со седум гола беше прв стрелец, зад него беше Жарко Пешевски со четири.
Иако францускиот тим го отвори мечот со 1-4, а потоа водеше со четири гола разлика, сепак на другата страна Пелистер по последните минус 4 (7-11) успеа максимално да ги искористи двете исклучувања на противникот. Со три гола во низа, македонскиот првак дојде на 10-11, по што Раул Гозналес повика тајм-аут. Битолчани имаа две шанси да израмнат, но не ги искористија, Јахја Омар ја прекина негативната серија за 10-12. Алонсо повика тајм-аут по серијата на грешки. Кузмановски одговори и продолжи да ја расипува комоцијата на ПСЖ, но неколку технички грешки беа доволни за да гостите на одморот заминат со водство од 13-18.
Францускиот тим, предводен од Раул Гонзалес после 11 минути игра во второто полувреме поведе со седум гола (18-25). Тука беше јасно дека гостите немаат намера да доволат изненадување и покрај тоа што публиката во преполната сала „Боро Чурлевски“ беше „гладна“ за сензација. ПСЖ без проблем го приведе дуелот, на кој најмногу водеше со девет разлика.
Првото место во групата А му припадна на Веспрем и покрај поразот од Фуксе Берлин, следи Спортинг, Фуксе Берлин, па ПСЖ.