ЦЕВ ја одреди саатницата: Одбојкарите против Финска на 7 јуни од 15 часот

71

Европската одбојкарска конфедерација ги објави деталните термини за натпреварите од годинешното, изменето издание на Златната Европска лига 2025. Машката сениорска репрезентација на Македонија заедно со Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел се годинешни учесници на натпреварувањето, кое ќе се игра по изменет „швајцарски систем“.

Планирани се 12 турнири (четири во еден викенд), а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир.

Според објавениот распоред на натпореварите, Македонија стартува од Братислава каде на 7 јуни во 15 часот ќе го одиграме мечот со селекцијата на Финска. Познати се и судиите за овој меч, а тоа се Игор Шимпл од Словачка и Матиас Евалд од Германија.

Ден подоцна во истиот термин (15 часот) ќе играме со домаќинот Словачка.

Вториот турнир на кој ќе учествува Македонија е предвиден од 13 до 15 јуни во Летонија. Летонците се противникот со кој ќе ги измериме силите на 13 јуни, додека на 14 јуни играме со Грција. Македонија ќе биде домаќин на турнир во третиот викенд од Златната Европска лига 2025, закажан од 20 до 22 јуни. Македонија на 20 јуни ќе го пречека Израел, потоа ќе има слободен ден додека турнирскиот систем на натпрварување ќе го закружи против Црна Гора на 22 јуни.

По одигрувањето на натпреварите ќе биде формирана заедничка табела на која првите четири најдобро пласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи од 4 до 6 јули.

ПретходноКарло Анчелоти нема намера да си оди од Реал (М) и ова лето
СледноПСЖ повторно е рекордер по исплатени плати во една сезона – 658 милиони евра!