Кожув ја искористи првата шанса и успеа да му се реваншира на МЗТ Скопје за финалето во Купот на Македонија. Гевгеличани се вратија од негатива од 15 поени и во финишо покажаа поголема стабилност од противникот за победа од 74-71. За актуелниот македонски првак ова беше петти пораз оваа сезона, на другата страна пак Кожув дојде до 11-та победа.
Вилсон имаше 18 поени, по 17 запишаа Колев и Пилепиќ кај победникот. Во редовите на гостинскиот табор Едвин имаше 23 поени, додека Маслинко 21.
МЗТ Скопје отвори со 0-13 во првите пет минути, на другата страна токму на средината на првата четвртина Вилсон ги постигна првите поени за неговиот тим. Гостите не застана по само две и пол минути игра во втората четвртина поведоа со плус 15 (16-31), но ниту тоа како да не беше доволно за да се демотивира домаќинот, кој на одоморот намали на 33-37.
Во третата четвртина кошаркарите на Кожув влегоа со уште поголема самодоверба ја добија со 23-18 и во последните решавачки десет минути имаа минимална позитива 56-55 за драма во салата „26 април“.
По 59-56, МЗТ Скопје одговори со 8-0 за позитива од пет поени (59-64) на шест минути до крајот. Кожув одново се врати, и поведе со 70-66 во 38-та минута за вистинска драма. Пред ова Војдан Стојановски зааработи исклучувачка грешка, а во меѓувреме Андоновски не реализираше три слободни фрлања. МЗТ Скопје не најде начин како да се врати во дуелот, на 22 секунди до крајот домаќинот имаше позитива од пет поени (74-69), доволна за триумф.
На втората средба од истиот термин, Тиквеш го совлада Чаир со 84-76.