Македонската машка ракометна репрезентација продолжува со битката за пласман на Европското првенство 2026 година. Селекторот, Кирил Лазаров и неговите избраници ќе одиграа двомеч со фаворитот во нашата група, Словенија. Првиот меч се игра во Скопје на 12. март, реваншот е четири дена подоцна во Копер.
„После Светското првенство ова е прв настап пред домашната публика. Гледате и самите дека владее голем интерес и нацијата е желна за квалитетен ракомет. Играме против квалитетен противник кој играше полуфинале на ЛОИ и заврши на 5. место на последното Евроско првенство. Една многу сериозна селекција која е технички добро поткована и знае што сака од натпреварот.
Ќе пробаме максимално да го искористиме краткиот период што го имаме и да се прикажеме во добро светло. Селекцијата на Словенија е во Топ 8 во светот.
Знаеме што сакаме и се надеваме дека во среда ќе не краси добар ден. Ќе се бориме до последен момент и да веруваме во позитивен резултат. Нема да биде лесно, но се надевам дека со борба достојно ќе им се спротиставиме. Не се оптеретуваме со противникот и ќе гледаме ние да бидеме на посакувано ниво. Треба да го играме нашиот стил кој го игравме и на Светското првенство. Имаме млада и полетна екипа“, изјави Лазаров.