Организаторот на кампот го најавува стартот на пријавувањето, кое е предвидено за понеделник (10.03.2025 година) од 12 часот, за сите заинтересирани кои сакаат да бидат дел од истиот. Имајќи предвид дека минатата година, пријавувањето заврши за само пет дена, а интересот оваа година е уште поголем, и се очекува местата за учество да се пополнат за уште пократко време.
По успешно реализирани три изданија на ракометниот камп „40х20“, во балканскиот бисер Охрид, организаторот на кампот, агенцијата КМГ Спорт, ги стартува подготовките и го најавува четвртото издание на еден од најквалитетните ракометни настани во регионот.
Настанот на кој во центарот на вниманието е спортот број еден во Македонија, ракометот, но и запознавање нови другарчиња, едукација и многу забава, овој Јули од 06 до 11 во месецот, по четврти пат ќе се одржи на брегот на прекрасното Охридско езеро.
Препознавајќи го квалитетот на кампот, но и посветеноста на тимот кој го организира истиот, минатата година интересот на родителите и децата беше на многу високо ниво, а според најавите, оваа година интересот е на уште едно ниво погоре. Горан Ѓоргоноски, во улога на менаџер на агенцијата која е организатор на кампот, но и основач и координатор на проектот „Ракомет За Секое Дете“ ги пренесува плановите за претстојниот камп во Охрид:
-„И покрај тоа што бевме свесни за квалитетот кој го нуди кампот, грижата за секое дете, посветеноста и ангажманот на сите инволвирани во организација, мора да бидеме искрени и да кажеме дека минатата година бевме пријатно изненадени од интересот на децата и родителите за учество на единствениот ракометен камп во државата. Стартувајќи од месец февруари, традиционално ги стартуваме подготовките за кампот кој ни следува ова лето во Охрид, и од она што го имаме како информација, во контакт со родителите, можеме да потврдиме дека оваа година интересот е уште поголем, а местата за учество очекуваме да бидат пополнети за помалку од пет дена. Тоа од друга страна создава проблеми со децата и родителите кои не успеале навреме да обезбедат место за учество на кампот, и затоа сакаме да пратиме апел до сите заинтересирани, навреме да се пријават.“ – изјави Ѓоргоноски.
Како содржина на кампот, посебно внимание се обрнува на индивидуалниот пристап во работата со учесниците од повозрасните групи, работа во мали групи, поделени според позицијата која ја практикуваат во ракометот. Тоа го прави овој камп уникатен, многу квалитетен и продуктивен. Но, на кампот во Охрид нема само ракомет. Содржината е обемна и прилагодена на возраста на одредени групи на деца.
-„Ние како агенција имаме огромно искуство во организација на вакви настани, а истовремено сме благодарни на екипата од тренери, доктори, предавачи и гости на кампот, свесни за нивните, пред се, човечки квалитети и високиот степен на одговорност кои ги презентираат кон децата и нивните родители. На кампот имаме деца од 7-17 години, и токму затоа програмата е различна во однос на возраста. Кај оние највозрасните (14-17 години) се работи и трипати на ден, во голема мера индивидуално, со цел отстранување на недостатоците и надградба на знаењето од ракометен аспект, но и во однос на спортска психологија, додека со помалите категории се работи во групи од 8 до 15 деца, и покрај ракометот на менито има и доста едукативни предавања за здрав начин на живот, тимска работа, самодисциплина, но и многу натпревари, игри и секојдневно користење на базенот во комплексот на Хотел „Десарет“ – заврши Ѓоргоноски.
Организаторот на кампот го најавува стартот на пријавувањето, кое е предвидено за понеделник (10.03.2025 година) од 12 часот, за сите заинтересирани кои сакаат да го осигурат своето место за незаборавно ракометно искуство. Имајќи предвид дека минатата година, пријавувањето заврши за само пет дена, а интересот оваа година е уште поголем, се очекува местата за учество да се пополнат за уште пократко време. Истовремено, организаторот потенцира дека, имајќи предвид дека кампот има интернационален предзнак, интересот и на децата од странство е зголемен и се очекува учество на повеќе деца од Шведска, Србија, Шпанија и останатите земји од регионот и цела Европа.
Задржувајќи ја практиката од претходните изданија, пред одржување на кампот, секој учесник ќе биде детално прегледан во Клиника „Жан Митрев“, медицинскиот партнер на кампот, со цел добивање јасна слика за моменталната здравствена состојба на секој учесник на истиот, сегмент кој е од исклучителна важност за организаторот на кампот, но и за родителите на учесниците на истиот.
Планирано е, како и минатите години, како би допринеле во насока на едукација на тренерите кои работат со млади категории во Македонија, организаторот да реализира тренерски семинар во склоп на самиот настан, но и воведување на нови содржини за учесниците на кампот, каде што наши успешни ракометари и репрезентативци, ќе ја раскажат својата спортска приказна, како поттик за новите ракометари на Македонија.
Се гледаме во Охрид!
Горан Ѓоргоноски,
КМГ Груп Спорт
Организатор на ракометниот камп „40х20“ и проектот „Ракомет За Секое Дете“