Македонската ракометна репрезентација ја чекаат два тешки дуели во квалификациите за пласман на Европското првенство 2026. Пред селекторот, Кирил Лазаров и неговите избраници е двомечот со Словенија. Првиот натпревар се игра на 12 март во СЦ „Борис Трајковски“, реваншот е четири дена подоцна во Копер.
Неодамна самите ракометари од новата генерација се уверија дека со храбра и борбена игра може да се носи со секого. И овој пат за сите во „црвено-жолтиот“ дрес ќе биде важна поддршката од трибините.
„Очекуваме два дуели против силната Словенија, знаеме за каква репрезентација зборуваме. Во никој случај не треба да го потценуваме, имаме неколку дена да се подготвиме за тој натпревар. Треба да бидеме подготвени за првиот дуел пред полна сала, очекувам дека ќе имаме огромна поддршка и публиката ќе не поддржи. Мислам дека Светското првенство ќе биде плус за да дадеме добар натпревар. Секако дека нема да се предадеме, одиме на победа со нашиот максимум.
Словенија навистина има одлични поединци. Сите позиции се добро покриени, играат брз и модерен ракомет. Треба добро да ги анализираме во овие неколку дена, да излеземе на теренот и да го одиграме тој натпревар“, изјави Костески.
Македонија по првите две кола во квалификациите има победа против Естонија, и пораз од Литванија на гости.