Ристески: Покажавме дека овој тим има карактер и кога не игра најдобро

167

Одбојкарите на Штип УГД се новите лидери во домашниот одбојкарски шампионат. Вечерва освојувачите на Купот на ОФМ од минатата сезона, успеаја по вторпат во сезонава да го совладаат шампионот Струмица, овој пат дома со 3:1 и да му го преземат лидерското место на табелата на три кола пред крајот на регуларната сезона. Тренерот на штипјани, Кристиан Ристески, по мечот вели дека неговиот тим вечерва покажа победнички менталитет.

„Ова не беше најдобро одигран натпревар од наша страна. Имавме грешки кои во следните натпревари мора да ги поправиме, затоа што не чекаат уште два тешки меча со Работнички и Борец, а потоа финалниот турнир од Купот и почетокот на плеј-офот. Им кажав и на одбојкарите дека добро е тоа што имаме карактер, победнички менталитет. И со ваква несигурна игра во одредени делови од мечот успеавме да дојдеме до посакуваната победа. Секако дека сум среќен и задоволен“, вели Ристески.

До крајот на првенството Штип УГД за да остане на челното место ќе мора да слави и против Работнички, Борец и Шкендија, што за нив ќе значи и предност на домашен терен во мечевите од плеј-офот, кога повторно главната битка за титулата ќе биде против Струмица.

ПретходноЛШ: Барса во едно полувреме си „чекираше“ четвртфинале во ЛШ (ВИДЕО)
СледноХелмут Марко: Како што стојат работите, Мекларен ќе доминира оваа Ф1 сезона!