Штип УГД повторно ја совлада Струмица и го презема врвот во домашното првенство

75

Одбојкарите на Штип УГД и вторпат оваа сезона го совладаа актуелниот шампион на Македонија, екипата на Струмица. Вечерва во првиот меч од 7. коло во втората фаза од првенството во преполната сала „Јордан Мијалков“ во Штип, освојувачот на Купот на Македонија славеше со 3:1 против составот кој до минатата сезона имаше комплетна доминација во македонската клупска одбојка.

ШТИП УГД – СТРУМИЦА  3:1 (25:20, 28:26, 18:25, 25:19)

Штипјани покажаа дека во овој момент се поквалитетен тим од Струмица, која очигледно по низата проблеми со повредите на дел од клучните одбојкари како Маџунков и Наков, не успеа да најде начин да им се спротивстави на расположените одбојкари на тренерот Кристијан Ристески.

Штип УГД одигра одлични два воведни сета, па имаше мал пад во третиот сет, но во четвртиот не дозволија изнендување и успеаја да го приведат мечот во своја полза. Задмард со 21 поен беше најефикасен кај Штип УГД, додека кај Струмица како најефикасен беше капитенот Владо Милев со 13 поени.

Со оваа победа Штип УГД го презема врвот на табелата со бод предност пред Струмица на три кола до крајот на регуларниот дел од сезоната. Ако штипјани останат на оваа позиција ќе имаат предност на домашен терен во плеј-оф разигрувањето.

ПретходноЛШ ПОЛУВРЕМЕ: Јамал и Рафиња имаат шоу, Барса веќе гледа кон четвртфиналето (ВИДЕО)
СледноАнчелоти: Не размислуваме и не тренираме пенали