Британскиот Дејли Мејл и голем број други медиуми од островот пишуваат дека се развива амбициозен проект за изградба на нов стадион за Манчестер Јунајтед, кој би можел да прими дури 100.000 гледачи. Оваа визија вклучува целосна замена, т.е. рушење на постоечкиот Олд Трафорд, што би резултирало со создавање на нов, модерен „Олд Трафорд“. Атлетик пишува дека плановите би можеле да бидат објавени денеска. Сер Џим Ретклиф, малцинскиот сопственик на Јунајтед, беше клучна фигура во поттикнувањето на оваа идеја, која е позната како „Вембли на северот“.
Проектот за изградба на новиот стадион се очекува да чини околу две милијарди евра. Ретклиф обезбеди владина поддршка во јануари, што се смета за клучен момент во развојот на проектот. Според проценките, комплексното реновирање на паркот Трафорд би можело да ја поттикне британската економија за дури 7,3 милијарди фунти. Новиот комплекс би вклучувал голем транспортен центар, простори за спорт, домување, забава, бизнис и образовен кампус.
Олд Трафорд е отворен во 1910 година, беше постојан дом на Манчестер Јунајтед повеќе од 114 години. Новиот стадион ќе биде најголемата зграда во Англија, надминувајќи го капацитетот на Вембли, кој моментално собира 90.000 гледачи.