Работите се менуваат: Македонија е фаворит против Словенија после одличниот настап на СП и распродадената сала!

803

Македонската ракометна репрезентација вечерва (20 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ ја пречекува Словенија во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство 2026 година. Ова е прв меч на домашен терен за избраниците на селекторот, Кирил Лазаров после одличниот настап на Светското првенство, што пак беше повеќе од доволна причина за да билетите се распродадат за два дена.

Бројните повреди во составот на Словенија и полните трибини се повеќе од доволна причина за да Македонија за првпат според обложувалниците да биде фаворит во пресметките со оваа репрезентација, иако во составот има млади играчи.

Но, се оствари она што го најави Лазаров после завршување на Мундијалот, а тоа дека противниците ќе не гледаат со поинакви очи.

Новата генерација во Вараждин покажа дека ракометот има иднина, има момци кои се подготвени да „гинат“ за националниот дрес.

Во нашиот табор добро знаат дека и ослабена Словенија е силна и доволно искусна, но истовремено немаат намера да се предадат, желбата е една – да се одигра храбро и борбено пред домашните навивачи за уште еден неверојатен резултат во низа.

Македонија по првите две кола во квалификациите има победа против Естонија на домашен терен и поразот од Литванија на гости, и го дели второто место токму со Литванците. На другата страна пак Словенија е лидер со две победи во исто толку одиграни мечеви.

Македонија и Словенија за четири дена повторно ќе се сретнат, домаќин на оваа средба е градот Копер.

ПретходноЈамал запиша нов рекорд, Фердинанд порача: Никогаш не сум видел нешто слично….
СледноСлот: Најдобар натпревар на кој сум бил! За победа треба да имате и среќа!