Роналдо доживеа големо разочарување во Бразил

93

Легендата на светскиот фудбал Роналдо се откажа од својот план да се кандидира на изборите за претседател на Бразилската фудбалска конфедерација. Феноменот се пожали дека не добил речиси никаква поддршка од поединечните федерации на сите 27 членки во земјата. Така, сега се чини дека сегашниот претседател Едналдо Родригез ќе биде реизбран за нов мандат.

„Откако јавно ја објавив мојата желба да се кандидирам за претседател на Бразилската фудбалска конфедерација (CBF) на следните избори, сега и официјално ја повлекувам мојата намера. Ако мнозинството кое има право на глас смета дека бразилскиот фудбал е во добри раце, тогаш моето мислење не е важно.

Како што веќе напоменав, моите први чекори ќе бидат насочени кон давање повеќе глас и простор на клубовите, како и слушање на федерациите со цел да се подобрат натпреварите и развојот на спортот во нивните региони. Неопходната промена мораше да дојде од оваа стратешка координација преку моќта на заедничката визија.

Но, при првиот контакт со 27-те членки на федерацијата наидов на 23 затворени врати. Федерациите одбија да ме примат, со образложение дека се задоволни од сегашната администрација и го поддржаа нејзиниот реизбор. Не добив можност да го претставам мојот проект, да ги презентирам моите идеи и да ги слушнам како што би сакал. Не беше дадена можност за дијалог.

Статутот на поединечните федерации им дава поголема гласачка моќ, така што јасно е дека не можам да се кандидирам. Повеќето регионални лидери го поддржуваат актуелниот претседател – тоа е нивно право и јас го почитувам, без оглед на моите лични убедувања.

Им благодарам на сите што покажаа интерес за мојата иницијатива и продолжувам да верувам дека патот до развојот на бразилскиот фудбал е пред се преку дијалог, транспарентност и единство“, се вели во известувањето на Роналдо. 

ПретходноМакедонските скијачки надежи блеснаа на Националното првенство во слалом!
СледноАморим: Луѓето велат дека не сме доволно добри, нашата цел е да го промениме начинот на кој размислуваме