МЗТ Скопје го доби дербито со ТФТ за првото место на табелата, откако на домашен терен славеше со 74-68. Со оваа победа тимот од Аеродром речиси го осигура врвот пред стартот на плеј-офот.
Актуелниот шампион после само неколку минути игра во првата четвртина ја имаше контролата на резултатот. После првите десет минути беше 20-11, а веќе во следниот период дојде ма двоцифрени 28-14, највисоки на дуелот.
На одморот резултатот беше 37-29, со тоа што гостите последната четвртина ја стартуваа со негатива од 61-51, но тоа не ги демотивираше, се обидоа да приредат пресврт. Сепак, МЗТ Скопје не го дозволи тоа и искусно го приведе мечот во своја корист.
Едвин со 23 поени заврши како најдобар поентер кај „штрковите“, додека Војдан Стојановски имаше 12, а Маслинко 11 поени. Кај екипата на ТФТ со 20 постигнати поени Зафиров беше прв стрелец.