Омаж за едно момче херој – Андреј Лазаров!

3932

Огнен Чак Дојчиновски

Голема, огромна трагедија ја погоди Македонија. До сега невидена. Десетици, можеби и стотици млади животи згаснаа во пожарот кој ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани.

И мене како и цела Македонија утринава ме разбуди оваа траорна вест. Осум наутро, полн инбокс пораки, пропуштени повици…. Што е ова се прашуваме сите? Што се случува? Меѓу десетиците слики на млади девојки и момци, и онаа на Андреј Лазаров. Играчот на Шкупи, некогашниот младинец на Кочани, на Металург, Работнички, а потоа и првотимец на овој клуб, па на Тиквеш, на Горица на Рудеш….некогашниот македонски младински репрезентативец. Се бара информација дали е жив, што се случило со него. Наше дете…. од 14, 15 години е во Скопје.

Неизвесноста трае, информација официјална од ФК Шкупи дека е повреден, но дека е жив. Болницата во Штип, во Скопје… повторно шпекулации. А потоа…. е потоа стигна онаа најлошата, најточната, најверодостојната вест. Од семејството: Андреј не е жив. Почина.

Нозете ми се тресат и рацете ми се одземаа. И за него и за сите оние кои ги „голтна“ пламенот синоќа во Кочани. Не можам да издржам излегувам на улица одам накај Градски парк. Полно луѓе. Налетувам на Џемо Заза и на Аце економот од Работнички. Се гледаме сите и молчиме. На она исто место каде што безброј пати го среќавав со години Андреј Лазаров. Враќајќи се или одејќи на тренинг во Работнички. Ќе се поздравиме или ќе си мафнеме. Не еднаш, два три пати во денот. И со него и со неговите Метка Максимов, Анес Османовски, и по некој Африканец кои секогаш ги имало во Работнички. Со „ланч пакетите“ од кај Попе во раце. Ќе се посмееме, ќе си кажеме некоја „дебар маалска“ финта. Тоа место, таа уличка што води накај парк ќе си ја „крстам“ Лазаров.

По она момче херој кое што синоќа проба да спаси детски животи, а го даде својот. Она момче во кое не згреши никому во животот, а му помогна на кого можеше. Е тоа момче повеќе го нема. Замина на некое поубаво место.

Почивај во мир дете златно. Кочанско, Дебармаалско….

ПретходноФФМ, Тиквеш, Динамо Загреб, негови поранешни клубови, пријатели, блиски, некогашни соиграчи се збогуваат со Андреј Лазаров!
СледноАрсенал го победи Челзи, Фулам подобар од Тотенхем!