Почнува завршната битка за трофејот во Лигата на нации

93

Денеска се на програмата првите натпревари од 1/- финалето во „А“ сегментот од Лигата на нации. Победниците од овие четвртфинални средбни чии реванши се закажани за три дена, ќе се квалификуваат за завршниот турнир во јуни, кој ќе се одржи во Италија или Германија. Сите четири натпревари започнуваат во 20:45 часот, а се чини дека најмногу интерес привлекува дуелот на европскиот шампион Шпанија, кој гостува кај Холандија на „Де Кујп“.

Откако „лалињата“ беа елиминирани од Англија во полуфиналето на ЕП 2024, од своите шест меча во групата 3 освоија девет бода и завршија на второто место. Единствениот пораз за тимот на Роналд Куман беше од Германија. Холандија е непоразена на домашен терен во седум последователни натпревари, а исто така прими само три гола во последните пет средби со Шпанија. „Фуријата“ на овој натпревар влегува како актуелен носител на трофејот и актуелен европски првак. Од назначувањето на Луис де ла Фуенте, Шпанија има 23 победи, три нерешени и само два порази.

Подобриот од овој двомеч во полуфиналето ќе се соочи со Хрватска или Франција, кои вечерва ќе играат на стадионот Пољуд во Сплит во својата прва четвртфинална пресметка. Хрватите загубија само еднаш во последните седум домашни натпревари, но само еднаш победија во претходните 10 средби со Франција.

Италија ја пречекува Германија на „Сан Сиро“. Двата тима се среќаваат за првпат по 2022 година, кога „панцирите“ победија со 5:2. Шампионот на ЕП 2020 третпат по ред ќе се обиде да се пласира во завршната фаза на ова натпреварување.

Победникот од оваа четвртфинална двојка ќе се соочи со Данска или Португалија, чија прва пресметка е вечерва на „Паркен“ во Копенхаген. Данците немаат особено добар учинок против Португалија, откако постигнаа само три победи во 16 натпревари.

Покрај овие дуели вечерва се играат и првите бараж дуели од останатите сегменти во битка за пласман и опстанок во некоја од дивизиите.

ПретходноВо Клуж ќе биде исцртан патот на македонските ракометарки кон ЕП 2026
СледноПочина Еди Џордан, легендата на Формула 1